Се чини дека на глупостите и скандалите во Фудбалската Федерација на Македонија како да им нема крај и тие се случуваат секојдневно. По скандалите со хотелот во Крушино, хаварисаниот Мерцедес кој се појави во Велес и стадионот во истиот град, за кои “СпортСпорт“ веќе пишуваше и јавноста детално е информирана, еве денеска уште еден скандал.
Имено претстојниот викенд стартуваат детските лиги ширум Македонија. Интересно е тоа што координаторот во ФФМ за овие лиги, со мејл до сите клубови, кои се натпреваруваат во овие лиги, ги информира дека на натпреварите не смее да има гледачи. Односно тие ќе бидат затворени за јавноста, односно дечињата ќе играат пред празни трибини.
Човек да се запраша па зарем е можно?
И по ова јасно е дека револтот е голем. Пред се револтирани се родителите кои имаат забрана од Фудбалската федерација на Македонија со која не можат да ги гледаат своите дечиња како играат фудбал. И не се само родителите, тука се револтирани и сите оние роднини и пријатели, да не говориме за тоа дека не смеат да присуствуваат и ненајавени скаути. Така тоа се прави во светот, се скаутираат дечиња од 7-10 години, ако не и помлади.
А кај нас со одлука на ФФМ нема да има никој на трибините.
Ако веќе ова е одлука поради сите оние скандали и тепачки на Детската лига во изминатата сезона, тогаш уште едно прашање.
Имено ако веќе ФФМ не може да организира безбедност на лигите во кои играат најмладите, тогаш што останува за оние посериозните лиги, како ПМФЛ и ВМФЛ.
Дали ќе дојде време и таму да се стави забрана за присуство на гледачи?