Вечерва од 20 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, нов меч за фудбалски уживање. Вардар против Силекс во старото македонско дерби. Ова ќе биде вкупно 76-ти официјален дуел меѓу овие две екипи, некогашни шампиони кои заедно имаат 15 титули. Вардар има многу подобар биланс со 38 победи, 19 ремија и 18 порази со гол разлика 112:76.
По ремито со Гостивар, победата во Купот кај Новаци и триумфот во Кавадарци, секако дека Вардар на стратегот Срѓан Захариевски вечерва посакува продолжување на позитивниот резултатски тренд. Победа над Силекс и тие нови три бода и тоа како добро ќе им дојдат на вардарци. Сепак треба да се победи силниот состав на кратовци, тим кој во Скопје доаѓа “ранет“ по поразот од Гостивар во минатото коло на свој терен.
Интересно, Вардар вечерва од клупата ќе го предводи Срѓан Захариевски, еден од најдобрите играчи на Силекс во историјата, екс играч и на Вардар. Кратовци пак ќе ги предводи стратегот Александар Васоски, кој пред четири години како тренер му ја донесе последната титула на Вардар, секако и некогашен играч на “црвено – црните“. Но вечерва во тој тренерски дуел, Срле силно ќе ја посакува победата на Вардар а Васоски ќе се обиде да го победи својот некогашен клуб.
Во секој случај ќе биде супер интересно, се очекува и добра посета на Арената, тука јасно е дека ќе бидат и “Комити“ со својата поддршка, па еве шанса и обичниот фудбалски фан да дојде на Арената и да проследи квалитетен меч.
Вардар со Срле е некоја друга димензија, игра добро, знае што сака, а тоа се покажува и на бодовното салдо. Четири бода од два тешки меча на гости и пласман во следната фаза во Купот.
Кратовци осцилираат, никако да фатат победнички ритам.
Вардар или Силекс, кој ќе се радува вечерва некаде околу 22 часот?
На крајот да кажеме дека овој меч ќе го суди Димитар Пилешков од Штип.