МЗТ Скопје не успеа да дојде до втората победа во АБА 2-лига, откако на гостински терен после продолжение беше совладан од Цедевита Јуниор со 77-75. „Сино-белите“ можеа многу полесно да ги „заработат“ бодовите, имаа плус 16, но паднаа во последната четвртина и буквално се мачеа до самиот крај. Дуелот се решаваше во продолжение, а таму славеше домаќинот.
Едвин со 26 поени беше најдобар кај МЗТ Скопје, на другата страна Слај беше стрелец на 17 поени.
Првата четвртина беше релативно изедначена во која актуелниот македонски првак имаше позитива од пет поени (17-22), а по истекот на 10-та минута беше 22-24. Веќе на стартот на вториот период избраниците на Васко Атанасов имаа двоцифрени 22-32. Со иста разлика „сино-белите“ заминаа на одморот (36-46).

Најголемото водство МЗТ Скопје го имаше на стартот на третата четвртина плус 16 (36-52), но се опушти пред крајот на овој дел од мечот, противникот намали на 53-59, а потоа продолжи да притиска. Цедевита Јуниор не се откажа, во 34-та минута дојде на негатива од еден поен (60-61), откако последната четвртина ја отвори со 7-2.
Слај после долго време успеа да го прекине налетот на домашниот тим, но не беше доволно за да се разбудат соиграчите, грешките се редеа од напад во напад. На голема среќа ништо поснаодлив не беше ниту хрватскиот состав. Сепак казната ги стигна домаќинот дојде на плус еден 68-67. На 30 секунди до крајот, Едвин реализираше само едно слободно фрлање за 68-68. Ниту двата тима не ги искористија шансите за победа, па мечот отиде во продолжние.
Цедевита отвори со две тројки за 74-68, нашиот тим врати поведе со 74-75, но неизвесноста продолжи. Драмата во Загреб на крајот им припадна на кошаркарите на Цедевита Јуниор која славеше со 77-75.










