Вардар ја оправда улогата на фаворит против Прилеп, на гостински терен славеше со убедливи 27-37 во рамките на седмото коло во Супер-лигата. За „црвено-црните“ ова беше шеста победа оваа сезона, на другата страна прилепчани го запишаа четвртиот пораз.
Победникот на оваа средба беше решен по првото полувреме во кое гостите поведоа со 12-19, а потоа во продолжение без проблем го одржуваа водството за лесни бодови. Поведоа со двоцифрени 21-31 и ставија печат на победата.
Петриќ постигна седум гола, по шест имаа Маргели, Крсманчиќ и Родригез. На другата страна Јеремиќ беше стрелец на седум погодоци.
Пролет дојде до само втората победа оваа сезона, откако го совлада Куманово со 28-25. Скопскиот тим се помачи убаво за бодовите, на одморот имаше минимални 16-15, а во продолжение наиде на силен отпор иако имаше комотни плус четири (25-21), сепак гостите најдоа начин да го притиснат во финишот.
Стојановски имаше шест гола, пет запишаа Шилегов и Василевски, кај гостите Де Соуза имаше седум погодоци.