Бутел Скопје продолжи да чекори сигурно, по дербито во Кавадарци денеска имаше полесна задача против Струга, на домашен терен славеше со 32-26 во рамките на осмото коло во Супер-лигата. Избраниците на Горан Кузманоски со скор од пет победи и три порази го држат петтото место на табелата, додека противникот е во долниот дел со две победи и шест порази.
Бутел имаше потешкотии на стартот на мечот, но пред одморот успеа со серија од 5-1 да го урне отпорот на противникот и да поведе со 17-13. Во продолжение скопскиот состав не им дозволи на гостите посериозно да се заканат.
Михајловиќ беше стрелец на шест гола, по пет имаа Димитар Узунчев и Милошески. Кај поразениот состав Костоски имаше девет погодоци.
По голема драма на последната средба од денешната програма од осмото коло, Бисинов успеа да извлече реми против Радовиш (29-29). Најефикасниот кај гостите, Илиев, својот 12-ти погодок го постигна од седум метри за голем бод и радост во редовите на својот тим. Кај Радовиш, Постолов имаше 13 погодоци.
ГРК Тиквеш конечно дојде до победа. Кавадарчани по поразот од Бутел Скопје и Алкалоид, на гостувањето кај Прилеп славе со 28-23. За избраниците на Кристијан Грчевски ова беше само трета победа оваа сезона, на другата страна прилепчани го запишаа петтиот пораз.