Пред Пелистер е нова шанса за бодови во Лигата на шампиони сезонава. Македонскиот првак вечерва (18:45 часот) е гостин на Фредериција во рамките на седмото коло во ова натпреварување, во дуел меѓу последно и претполасно пласраните тимови во групата А. Данскиот состав има два бода, додека битолчани еден.
Иако на другата страна на теренот имаат тим кој се наоѓа исто на долниот дел од поредокот, сепак ракометарите на Пелистер се свесни дека мора да бидат на 100% за да дојдат до победа.
„Сериозно се подготвуваме и со видео-припрема и на тренинг и во одбрана и во напад. Засега добро ги анализираме и убеден сум во добар натпревар. Фредериција создава екипа, растат од година во година, креираа нова екипа во споредба со тимот против кој јас играв за ГОГ Гудме. Некои ракометари се нови и можеби не играат брзо како останатите дански екипи. Во Данска се игра „еден на еден“ и ќе завршиме голема работа ако тоа го затвориме. Не играат во својата сала и тоа може да биде уште еден хендикеп за нив“, изјави Нејц Цехте пред мечот.