Шест поени на Ненад Димитријевиќ во исклучително важната победа на Олимпија Милано во рамките на 7. коло во Евролигата. По четири врзани порази, тимот на нашиот репрезентативец го доби италијанското дерби против Виртус Болоња со 99:90 и ја запиша втората победа во тековната евро-сезона.
Димитријевиќ доби повеќе од 20 минути на паркетот во кој успеа да постигне 6 поени, но со дури 9 асистенции и два скока. Олимпија Милано вечерва беше предводена од Никола Миротиќ кој средбата ја заврши со 19 постигнати поени.
Олимпијакос вечерва беше подобар од Барселона на домашен терен со 95:74, додека Макаби ТА успеа да извојува голема победа над Реал (М) со 79:78. Анадолу Ефес, пак, славеше како гостин во Берлин против Алба со 86:70.