МЗТ Скопје не успеа да дојде до победа во АБА2-лига, откако на гостувањето кај Хелиос беше совладан со 68-67 во рамките на четвртото коло. Со ова македонскиот првак ја продолжи црната серија која сега изнесува три порази во низа и шансите за следната рунда се намалуваат. Не се реални, но тешко остварливи со ваква игра како денешната и сите претходни.
Наивна завршница за „сино-белите“ на оваа средба. Откако се вратија од негатива од 13 поени во самиот финиш беа на чекор до триумфот, но Едвин направи неспортска лична грешка, а потоа Слај не успеа да реализира за победа.
Македонскиот првак на кратко имаше водство во првата четвртина. По последните 8-10, домаќинот направи серија од 8-0 за 16-10. МЗТ Скопје после првата четвртина имаше негатива од 16-15, но веќе во следниот период почна да тоне. Хелиос брзо дојде на плус 11 (30-19), а на одморот замина со водство од 39-26.
Сепак кошаркарите на МЗТ Скопје не дозволија мечот да биде решен брзо, па третата четвртина ја отворија со неверојатна серија од 13-0 за 39-39 во 24-та минута. На другата страна Хелиос беше во хаос, после долго време успеа да дојде до реализација за 45-39, период во кој македонскиот тим на момент застана, но не заостануваше резултатски. Баковиќ со пет поени по ред доближи на 45-44, токму тој беше кошаркарот кој го држеше својот тим.
Во последните десет минути МЗТ Скопје влезе со негатива од два поени 50-48 и голема надеж дека може да излезе како победник.После долго време, актуелниот македонски првак повторно се најде во водство и тоа највисоко до овој момент од мечот. Миловановиќ и Баковиќ го свртеа резултатот на 51-55 во 32-та минута, беше и 54-58, но домаќинот на пет минути до крајот израмни на 58-58.
На две минути до крајот, Дамјан ја направи петтата лична грешка. Едвин погоди важна тројка за 64-67, по нералиизираниот напад на противникот, МЗТ не искористи шанса да ја зголеми позитивата, на другата страна Кнежевиќ доближи на 66-67. Едвин не реализираше за речиси сигурна победа, а притоа направи неспортска лична грешка (негова петта). Сето ова на 28 секунди до крајот. Хелиос со две слободни поведе со 68-67 и имаше напад, кој не го искористи. Слај не успеа да реализира за победа.
Едвин, кој слободно може да се каже дека е трагичар, со 16 поени беше прв стрелец, зад него со еден поен помалку беше Слај.
МЗТ Скопје влезе во криза, не само во АБА2-лига, претходно загуби од Чаир, момент кој треба да се земе во предвид, бидејќи тимот не игра според очекувањата, далеку е од поставената цел – АБА лига.