Серафимов: Ни треба време, но сигурен сум дека ќе бидеме уште подобри пред Мундијалот!

257

Македонските ракометари тргнаа победнички во битката за пласман на ново Европско првенство, овој пат за 2026 година. Помладената генерација која допрва ќе се соочува со големи предизвици и ќе мора да извлече поука од секој меч, ја совлада Естонија на домашен терен со 37-33. Победата не беше лесна, но на крајот целта е остварена.

Првиот стрелец на мечот, Мартин Серафимов, кој имаше десет погодоци, вели дека мора да бидат внимателни бидејќи во денешно време сите играат ракомет. Верува дека како ќе поминува времето така ќе бидат подобри за Мундијалот кој ги очекува во јануари, како и низ квалификациите.

„Натпреварот се одвиваше како што очекувавме. Не беше воопшто лесно, сите екипи денес знаат да играат ракомет, добро тренираат и напредуваат. Играме во недела со Литавнија и сега мора да се фокусираме на тој меч, од каде се надевам дека ќе се вратиме со уште една победа. 

Треба уште да работиме и да поправиме неколку сегменти од играта, можеме да бидеме подобри и во одбраната. Ни треба уште малку време да се воиграме, имавме и промена на генерации, но мислам дека сите нешта ќе бидат во најдобар ред пред почетокот на Мундијалот и остатокот од квалификациите за Европското првенство“, изјави Серафимов.

ПретходноСе интензивираат гласините за неизбежен отказ на Анчелоти
СледноАртета: Бевме оштетени!