Дарко Додев на Силекс вчера му донесе екстра победа. И тоа на Чаир, против Шкупи, на веројатно најтешкиот терен за играње во нашиот ПМФЛ шампионат. Напаѓачот на Силекс постигна два гола но не се радуваше на истите. Против својот поранешен клуб реши да покаже максимален респект, иако реално на Чаир не ја доби заслужената шанса.
„Супер е што победивме и супер е што ги постигнав тие два гола. Добро ми одеше вчера имав свој ден што се вели. Не се радував на головите, од респект кон Шкупи иако на Чаир не ја добив шансата да играм онолку колку што требаше. Тоа е мое мислење, секако нема лутење, таков е фудбалот“ – вели Додев за Спортспорт па додава.
„Што се однесува до самиот меч одигравме перфектно. Нашиот тренер Александар Васоски е тактички мајстор. Перфектен тренер, сите сугестии кои ни ги посочи во врска со мечот ние ги испочитувавме и затоа дојде до оваа прекрасна за нас победа. Секако, мораме да останеме сконцентрирани и да мислиме само за следниот меч во среда. Никако не смееме да летнеме во облаци“ – ни изјави Додев.