Пелистер продолжува со натпреварите во Лигата на шампиони. Македонскиот првак вечерва (18:45 часот) му гостува на Веспрем во меч од 9-то коло. Унгарскиот тим е лидер во групата А, додека пак битолчани се наоѓаат на шестата позиција, последното место кое води во следната рнда.
Во таборот на Пелистер се свесни за предизвикот кој ги чека на ова гостување, но најавија максимална борба на теренот, доколку им се пружи шанса за изненадување истата максимално ќе ја искористат.
„Веспрем е меѓу најдобрите екипи во Европа со години, имаат долга историја и супер-екипа покриена со играчи од светска класа. Не е лесно да се подготват сите детали за овој натпревар. Имаме три дена за подготовка и ќе се припремиме најдобро. Тешко е да се игра пред фановите на Веспрем, гледачите вршат голем притисок и многу е важно да бидеме најдобри и со добар пристап. Одиме таму за да бидеме во секој дел од натпреварот на висината на задачата. Да го намалиме играчкиот недостаток на минимум.
Чави Пасквал е мој познаник со години и чест е да се игра против него. Сум играл неколкупати против неговите екипи и сите знаат дека е меѓу најдобрите тренер во светот. Освои многу трофеи со Барселона и тоа ќе биде голем предизвик за мене“, изјави на прес-конференцијата Раул Алонсо.