Коментар на 16.коло: Пекол во битката за опстанок, Тиквеш лани го освои Купот а оваа сезона урива негативни рекорди

443

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера се одиграа сите шест средби од 16.коло во ПМФЛ. Интересни средби, интересни резултати, без некоја поголема сензација. Дербито под Шара во знакот на Шкендија, Струга ТЛ го слави Кехинде, Гостивар покажа сила на Арената, Силекс веќе е “стара приказна“ и сега е лидер, а Тиквеш си тера по свое.

Работнички го победи Тиквеш среде Кавадарци со 0:2 и го “закова“ уште повеќе на последната позиција на табелата. Тиквеш е феномен сам по себе. Лани беше хит на сезоната, четата на стратегот Ѓорѓи Мојсов го освои и Купот, излезе за првпат во Европа, а сега урива негативни рекорди.

На 16 средби само една победа, седум ремија и 8 порази. На 16 меча само 4 постигнати голови или во просек на секој четврти по еден, освоени само 10 бода.

Дали по вчерашниот пораз од Работнички на свој терен Тиквеш полека се “лизга“ кон Втора лига?

Јасно е дека ќе биде пекол во битката за титулата, таму се пет екипи кои ја сакаат титулата, но ништо помалку интересно ќе биде во битката за опстанок.

Барем засега тука се Тиквеш, Воска, Вардар и Беса како најзагрозени. А не се далеку ни Пелистер, па и Шкупи и Брера. Значи сите што се под 5.место на табелата треба да бидат загрижени и тоа како.

Да потсетиме, директно испаѓаат тимовите кои на крајот ќе се пласираат на 12. и 11. место на табелата. Десеттиот ќе игра бараж за опстанок со третопласираната екипа од ВМФЛ.

Има уште многу да се игра, уште цели 17 кола, но сега веќе се јасни “контурите“ за тоа кој за што ќе се бори.

Можеби немаме квалитетна ПМФЛ, но затоа имаме една од најинтересните елитни лиги во Европа.

ПретходноЛегендите во ФФМ со новите промени
СледноФИФА потврди: Македонија од третиот шешир ги чека ривалите во квалификациите за СП 2026