Машкиот ракометен клуб Вардар го засили стручниот штаб со уште едно интернационално име. Тренерот Гиљермо Милано има нов помошник во името на Аугустин Франциско Бу. За нас секако во моментов непознаница но од РК Вардар во соопштението се потрудија што подобро да ни го објаснат стратегот.
Се работи за човек кој доаѓа од Колштад, Норвешка каде работеше со норвешкиот младински шампион, но и со екипата на Бјасен како аналитичар на податоци.
Има и искуство и со репрезентацијата на Аргентина во текот на изминатата година, анализирајќи различни податоци, и соработувајќи со Гиљермо Милано.
Француско Бу веќе извесно време е во Скопје, и работеше на подготовката на екипата за натпреварите со Алкалоид и со Мелсунген, што „црвено-црните“ ги добија.
Бу ќе биде дел од стручниот штаб, а покрај него како помошник на Милано ќе биде и Стојанче Стоилов кој и досега беше на клупата на Вардар.