Фудбалерите на Нотингем Форест остварија голема победа против Манчестер Јунајтед од 2:3 во дербито од 15. коло од Премиер лигата на „Олд Трафорд“.
Српскиот репрезентативец Никола Миленковиќ го постигна својот првенец за Нотингем Форест во втората минута против Манчестер Јунајтед со кој „шумарите“ поведоа со 0:1. Радоста на гостите од Нотингем не траеше долго, бидејќи Јунајтед израмни во 18. минута со голот на Расмус Хојлунд.
Веќе во првите минути од вториот дел Нотингем ја врати предноста со голот на Морган Гибс-Вајт. Веќе во 54. минута гостите имаа два гола предност бидејќи Крис Вуд ја зголеми предноста на Нотингем на 1:3.
Токму кога се чинеше дека „црвените ѓаволи“ се на колена, Бруно Фернандеш постигна ефектен гол во 61. минута, враќајќи го тимот на Аморим во живот. Од тој момент до крајот на натпреварот Јунајтед на сите начини се обидуваше да дојде барем до бод, но беше тешко поради прилично добрата одбрана на гостите.
Нотингем по 30 години славеше на „Олд Трафорд“ и го остави Јунајтед на 13. место со скромни 19 бодови.