Честит Велигден од Лазаров и ракометарите: Швајцарија падна во Скопје за историја!

56

Македонската ракометна репрезентација со победа ги затвори квалификациите за пласман на ЕП 2022 година. Кире Лазаров и неговите избраници на домашен терен ја совладаа Швајцарија со 29-28. Иако пласманот на седмото континентално натпреварување го обезбедивме претходно, нашите ракометари ветија победа за Велигден, за своја душа.

И не е само тоа, ова е најдобриот пласман во едни квалификации на оваа репрезентација во историјата, запишаа пет победи и само еден пораз за второ место во групата, односно освоија 10 бода исто колку и светскиот првак Данска.

И оваа средба не ја почнавме во најсилен состав. Лазаров, Миркуловски и Стоилов останаа на клупата. Македонија тргна со Митревски на голот, Кузмановсски, Талески, Велковски, Георгиевски, Маџовски и Пешевски. И на оваа средба се покажа дека не можеме без искусните, без нивната помош засега тешко играме.

Во првото полувреме нашите ракометари само трипати водеа (3-2, 4-3 и 13-12). Шмид отвори со два гола, Митревски со три одбрани ги повлече останатите, Пешевски, Мишевски и Талески, во седмата минута го донесоа првото водство (3-2). Маџовски промаши за плус два, на другата страна Швајцарија казни. По 5-5 со серија од 3-0 поведе со 5-8 во 16 минута. И на оваа средба имавме два промашени седмерци.

Водството од три гола гостите го одржуваа до 20. минута (8-11), по која со серија од 3-0 изедначивме на 11-11. По првото полувреме беше 16-16, благодарение на Митревски.

Во 40. минута дојдовме до четвртото водство на мечот (19-18), со головите на Кузмановски и Лазаров, и секако три одбрани на Митревски. Швајцарија притискаше, по секоја цена сакаше да дојде до целиот плен. Но, феномеланиот Митревски не дозволуваше поинакво сценарио, по двојната одбрана, Македонија за првпат на мечот поведе со плус три (26-23) на седум минути до крајот.

Ова беше клучниот момент, Швајцарија не се врати, тоа не го дозволи „четата“ на Лазаров, која сосема заслужено се радуваше на петата победа.

Митревски со 16 интервенции беше лидер во нашите редови, по шест гола запишаа Лазаров и Кузмановски, два помалку имаше Георгиевски.

ПретходноХамилтон победи во Португалија
СледноНема откажување: Кире Лазаров и следната сезона ќе игра во Нант!