Хуманоста на дело: Пелистер на новогодишна дружба со децата од „Кочо Рацин“

75

Кошаркарите на Пелистер утревечер против Тиквеш завршуваат со настапи во оваа календарска година, но „зелено-белите“ издвоија дел од своето време и во хумани цели, па дел од вчерашниот тренинг минаа во заедничка дружба со децата со попречености од „Ресурсниот центар Кочо Рацин“.

Тренингот мина во фантастична атмосфера, а децата добија и подароци – новогодишни пакетчиња од кошаркарите на Пелистер.

„Имам дете со посебни потреби и потребно е да им дадеме поддршка колку што е можно повеќе и да уживаме со нив секој ден. Ним најпотребна им е поддршката од нас. Мојот син има проблем со церебрална парализа и треба секој ден да се тренира со него, поддршка логопед, дефектолог, физикална терапија и што повеќе социјален живот да се дружи со другите деца“, изјави кошаркарот Андрија Бојиќ.

Соработката меѓу КК Пелистер и „Кочо Рацин“ уште повеќе ќе се продлабочи, па така управата на клубот реши утрешниот дуел со Тиквеш да биде од хуманитарен карактер. Во тој правец, нема да важат сезонските билети за последниот меч од 2024, сите оние кои сакаат да го бодрат Пелистер ќе купат влезници за салата „Боро Чурлевски“, а собраните пари ќе бидат уплатени на сметката на Ресурсниот центар „Кочо Рацин“.

„Емотивна средба со дечињата, ова е она што најмалку можеме да го направиме, поголемо богатство е самото дружење со нив и да видиме дека денешницата ни носи, за жал, и вакви судбини на кои сите ние колку што имаме можност и на било кој начин треба да им подадеме човечка рака“, рече Марјан Илиевски, член на управата на КК „Пелистер“.

ПретходноБуфон: Јуве нема да најде подобар од Мота, тој е како Алегри
СледноПеп сега се плаши и од Евертон: Тие не се идеален противник за нас во овој момент