Македонската кошаркарска репрезентација нема време за жалење по поразот од Швајцарија на стартот на претквалификацискиот турнир за СК 2023. Денот одмор одлично дојде, предводникот на Драган Бајиќ и неговите момци имаа шанса да се рехабилитираат, но и да направат стратегија за денешниот противник, селекцијата на Словачка.
„Сигурно е дека поразот од Швајцарија не беше пријатен. Ќе повторам уште еднаш дека и да го добивме тој натпревар, немаше да добиеме многу со таа победа, а со самото тоа, со тој пораз не загубивме многу. Синоќешниот резултат од средбата Швајцарија-Словачка можеби ни оди во корист, ако се знае дека имаме уште три натпревари до крајот“, вели Бајиќ.
Словачка е поинаква приказна од Швајцарија, со сериозен пристап и добра одбрана може да се дојде до посакуваниот резултат.
„Сигурно се работи за една добра репрезентација во која има неколку квалитетни поединци како Крајцович, Ихринг и Бродзијански. Повторно мораме да имаме еден сериозен пристап и да ги спуштиме нивните главни поентери на најниско можно ниво. Во нападот мора да играме што е можно побрзо. Преку транзиција да доаѓаме до што е можно полесни поени“.
Веројатно и притисокот врз играчите вечерва ќе биде многу помал, особено ако се земе в предвид дека за прв пат по подолго време, ќе биде дозволено присуство на публика, макар и со ограничен број?
„Притисок постоеше и кога немаше публика. Јас се надевам, и ја повикувам публиката во што поголем број да дојде и да ги поддржи овие момци. Тоа се чесни момци кои сигурно е, даваат сè од себе за овој национален дрес кој го носат. Свесни сме и ние со фактот дека ни недостасуваат доста играчи. И дека со нив во овој момент овој ростер би бил сосема понаков. Многу подобар и дека би играле многу подобро. Меѓутоа, овие момци заслужуваат максимална поддршка и на кои тоа ќе им биде дополнителен мотив да победиме. Нема назад, гледаме само напред“– порачува Бајиќ пред вечерашниот, исклучително важен натпревар против Словачка.