Кошаркарите на Пелистер максимално подготвени го дочекуваат првиот меч во новата година, во кој во дерби-пресметка му гостуваат на шампионот МЗТ Скопје (18 часот, сала „Јане Сандански“ во Скопје).
Првиот меч меѓу овие два тима заврши со победа на Пелистер, со поените што во финишот ги постигна Американецот Антоан, кој очекува неизвесен дуел и денеска.
„Знаеме дека МЗТ е квалитетен тим што игра во силно темпо во текот на сите 40 минути, многу се искусни, но ние исто така имаме свои квалитети што планираме да ги искористиме. Клучно според мене ќе биде да одиграме тимска одбрана во текот на сите 40 минути, да нема никакво опуштање. Ако го сториме тоа, ако ги слушаме советите на тренерот и си веруваме еден на друг и во напад и во одбрана, верувам дека ќе успееме да стигнеме до победата“, вели Антоан.
„Зелено-белите“ со серија одлични игри ја завршија минатата 2024 година, а Американецот е оптимист дека таа низа ќе продолжи и на стартот од новата година.
„Игравме навистина добра кошарка, заслужено победувавме и таа атмосфера остана на тренинзите уште од првиот пат кога се собравме во новата година. Работевме напорно за серијата да продолжи, знаеме дека денешниот ривла е многу квалитетен, но наша цел е да продолжиме со победите во домашното првенство“, оптимистички е расположен Брајан Антоан.
КК Пелистер изразува надеж дека организаторот на денешниот дерби дуел ќе обезбеди минимални услови за игра согласно пропозициите (најмалку 12 степени целзиусови во салата), со спротивно нема да прифати да игр во услови што не ги задоволуваат минималните стандарди за кошаркарски натпревар според пропозициите на КФСМ.
Денеска први н теренот ќе истрчаат Работнички и Шкупи, мечот е закажан со почеток во 13 часот. Еуро Никел го пречекува Куманово, додека пак Вардар е домаќин на Кожув, и двата меча се во 17 часот.