Кошаркарот на Монако, Ели Окобо на натпреварот против Нантер направи прилично срамен потег и за тоа ќе сноси последици. Французинот беше крајно незадоволен бидејќи наместо прекршок при шут за три поени, заработи техничка грешка поради симулирање, па се повлече и налутено му покажа среден прст на еден од судиите. Пред таа техничка, тој заработи неспортска грешка, па Монако во клучните моменти од натпреварот остана без својот бек.
Окобо сега се соочува со сериозна казна од француската лига, а и Монако најави дека Ели Окобо ќе биде казнет во согласност со интерните правила на клубот.
Во меѓувреме пристигна извинување од самиот играч.
„Им се извинувам на сите судии за мојот гест на гнев на синоќешниот натпревар. Ова е неприфатливо и нема место на кошаркарскиот терен. Ова не е сликата што сакам да ја пренесам. Емоциите понекогаш преовладуваат, но тоа не е оправдување. Им се извинувам и на младите кои ме следат и ме земаат за пример. Јас сум некој што треба да пренесе подобри вредности од оние вчера на теренот“, напиша Окобо.