Холандија и Македонија имаат одиграно само еден меѓусебен дуел. А тој е од пред две години на Светското првенство во Полска кога „црвено-жолтите“ запишаа убедлив пораз од десет гола разлика. Во таборот на „лалињата“ се свесни дека денеска (18 часот) во Вараждин Арена ги чека поинаков меч, нема да ги потценат нашите ракометари, напротив велат дека мора да одиграат на високо ниво.
„Не знаевме што да очекуваме од Гвинеја, имавме видеа од нив, но секогаш е опасно кога играте со вакви селекции со кои немате искуство. За среќа, добро ја одработевме задачата, славевме лесно и сочувавме дел од силите, па одморени ќе го дочекаме мечот со Македонија. Македонците дефинитивно ги знаеме подобро отколку африканската репрезентација, знаеме дека ќе ни биде многу потешко. Игравме со нив пред две години, тогаш победивме, но тоа не мора да значи ништо. Тие играат цврст ракомет и ќе мораме да бидеме на највисоко ниво ако сакаме да победиме“, ни изјави Дани Бајенс.