Во недела со мечевите од 19.коло во ПМФЛ стартува пролетниот дел од тековната сезона. Ако минатата сезона на две кола до крајот имавме три екипи кои се бореа за титулата, во оваа објективно тоа се пет.
Една од нив е екипата на Силекс која есенскиот дел ја заврши како прва, само поради подобра гол разлика пред Шкендија и Работнички, а тука се и Гостивар и Струга ТЛ.
Во пресрет на стартот на пролетниот дел, тренерот на кратовци Александар Васоски за клупскиот ФБ профил покрај другото истакна:
“Со оглед на тоа дека сме есенски шампиони, секако есенскиот дел го оценувам мошне задоволително од наша страна, а во пролетниот дел секако задачата за да се одбрани тоа прво место ќе биде ѓаволски тешка, бидејќи знаеме дека се бориме со доста квалитетни екипи. Меѓутоа, кога веќе докажавме дека во 18 натпревари можеме да бидеме први, зашто не и во останатите 15. Така што апсолутно веќе не криеме дека целта е оваа година, со Божја помош, да ја освоиме шампионската титула“.
За новите имиња во редовите на кратовци, Васоски посочи:
„Апсолутно новите играчи оставаат солиден впечаток. Дарко Мицевски е фудбалер кој добро го познавам и работевме заедно во Вардар, а Хрвановиќ е фудбалер кој настапуваше во групна фаза со екипата на Зрински Мостар во конференциската лига, така што се работи за фудбалери кои се одлично засилување. Очекувам од нив да ни помогнат во нашите цели и да го подигнат нивото на нашата игра“.
Инаку Силекс на стартот од пролетниот дел ќе ги одмери силите со Тиквеш и тоа на свој терен во Кратово.