По пауза од два месеци, денеска со мечевите од 19.коло стартува пролетниот дел од тековната сезона 2024/25. Период во кој тимовите се засилуваа или не, во најголем дел се подготвуваа надвор од Македонија, некои менуваа и по два тренери. Во секој случај беше супер интересно иако не се играше фудбал.
Јасно е дека сите погледи ќе бидат свртени кон битката за титулата, која ќе биде супер интересна, се чини како никогаш досега во историјата на самостојна Македонија. Дури пет екипи легитимно си имаат свои амбиции за освојување на пехарот, и сите некогаш ја освојувале титулата освен Гостивар кој се чини дека е најамбициозен, ако се знаат буџетите на клубовите.
А во пресрет на стартот на сезоната еве како тие пет екипи се бодовно распоредени на табелата.
Силекс, Шкендија и Работнички имаат по 37 бодови, Гостивар 35 и Струга ТЛ, која ја брани круната, 32 бода.Тука завршува списокот на кандидатите за титулата.
И сега кој е фаворит?
Сите си имаат свои предности и маани. Работнички е ослабен, ги нема најдобрите, Регба и Мазари. Силекс не е фаворит од познати причини. Шкендија си е Шкендија, но сега без Валон Ахмеди. Гостивар рековме веќе влегува со изразена желба за историја а Струга ТЛ која објективно има најдобар тим, има -5 бода. Можеби некои работи ќе бидат појасни уште денеска по завршување на натпреварите Вардар – Шкендија и пред се Гостивар – Струга ТЛ.
Секако дека јавноста се прашува што може “новиот“ Вардар. Тим кој претрпе целосен “ремонт“. Раководството на нашиот најтрофеен клуб одработи фантастичен преоден рок, сега Вардар има добар тим, тим кој може секого да победи и во најмала рака се очекува без проблем да го оствари првиот приоритет, а тоа изборување на опстанокот. Се разбира дека тука е и Купот на Македонија.
И покрај сите проблеми со преодниот рок, не се очекува Шкупи да западне во проблеми во однос на опстанокот, додека енигма е Пелистер. Допрва ќе видиме како ќе се однесуваат битолчани со повратникот на клупата Срѓан Захариевски.
Тиквеш осетно се засили, јасно е дека кавадарчани од петни жили ќе се борат да не ги снајде најлошото, исто и Беса има подобар тим во однос на есенскиот дел, но сека со Горазд Мхаилиов на клупата ќе видиме како тоа ќе изгледа.
Искрено и реално во најтешка ситуација се Брера и Воска. И двете екипи драстично се ослабени, ќе им биде многу тешко, но секако дека не е спортски уште сега, уште незапочнат пролетниот дел да ги “преселиш“ во Втората лига.
Значи од денеска па до крајот на мај, во следните 15 кола очекуваме супер интересни настани во нашата ПМФЛ.
Секако да не заборавиме. Шампионот ќе игра квалификации во ЛШ, вториот и третиот ќе игра во квалификации за ЛК, можно и четвртиот во зависност од тоа кој ќе го освои пехарот во Купот на Македонија.
Тимот кој ќе заврши на 10.место на табелата ќе игра бараж за опстанок а двете последнопласирани директно испаѓаат во ВМФЛ.