СПЕЦИЈАЛНА ОЛИМПИЈАДА НА МАКЕДОНИЈА ВО ПРИОРИТЕТИТЕ НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СПОРТ

59

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска во Министерството за спорт организираше прием  за македонските атлети и за делегацијата од Специјална Олимпијада на Македонија пред нивниот настап на Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025, кои ќе се одржат од 7 до 16 март 2025 година.

Македонската делегација, составена од талентирани атлети, тренери и официјални лица, ќе ја претставува Македонија на ова големо спортско натпреварување кое ќе собере над 1.500 атлети од 102 земји низ светот.

Ристовски им посака успешен настап на македонските атлети на овој глобален спортски настан и изрази безрезервна поддршка.

-Резултатите се најмалку важни, важно е да учествувате и да ја претставувате државата респектабилно. А, сите ние заедно да се обидеме овој наш свет којшто е малку чуден, да го направиме подобро место за живеење и овие наши атлети, наши пријатели, да ги приближиме до нормално спортување и нормално функционирање во општеството. Секогаш во било кое време и на било кој начин ќе бидам од помош за нив. Овие атлети заслужуваат многу повеќе и внимание и грижа од она што моментално го добиваат – рече Ристовски.

Министерот најави и дека Специјална Олипијада на Македонија ќе добие приоритет во исплатата на финансиските средства кои доаѓаат како помош од државата за спортот.

-Од наша страна она што го најавивме како финансиска поддршка ќе биде исплатени во текот на наредната недела. Ќе направиме исклучок, исплатата ќе биде само за вашата национална спортска федерација за да не ве оставиме да чекате кога ќе ги добиваат средствата другите федерации. Ова ќе биде само почеток. Сакам да изградиме однос на меѓусебно почитување за овие наши атлети да почувствуваат дека се еднакви во општеството и во спортот – нагласи Ристовски.

На Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025, нашите атлети ќе се натпреваруваат во алпско скијање, крос-кантри скијање и спортски танц, демонстрирајќи го својот талент, посветеност и спортски дух. Делегацијата ќе биде предводена од Драган Караџовски, како шеф на делегацијата, проф. Јован Јовановски како главен тренер за алпско, проф. Ермонд Мифтари како помошен тренер за алпско скијање, проф. Илија Клинчаров како главен тренер по крос-кантри скијање и проф. Катерина Јолакоска како главен тренер за спотски танци. Атлетите кои ќе ја претставуваат нашата земја се: Фатмире Бајрамоска – крос-кантри скијање, Албан Бајрамоски – крос-кантри скијање, Илина Георгиева – спортски танц, Стефан Трпковски – спортски танц , Матеј Аларов – алпско скијање, Себаат Ајвази – алпско скијање.

Најголемата благодарност ја упатувам, пред сè, до нашите атлети и нивните семејства, кои со својата посветеност и труд се симбол на вистинскиот олимписки дух. Благодарност и до сите наши соработници и општествено одговорни компании за поддршката што ни ја пружија во подготовките за Торино 2025. Без нивната помош, ова патување немаше да биде можно. Со заеднички сили, продолжуваме да создаваме можности за лицата со интелектуална попреченост и да ја градиме инклузивната спортска заедница која ја заслужуваме – истакна претседателката на Специјална Олимпијада на Македонија, Моника Бошкоска.

Во рамки на игрите, делегацијата на Специјална Олимпијада на Северна Македонија ќе биде дел и од Глобалниот Самит за Лидерство на Младите, програмата „Здрави Атлети“ и други инклузивни иницијативи, со што ќе ја промовира важноста на спортот како средство за социјална инклузија.

Под мотото “Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот”, нашите атлети ќе дадат сè од себе да ја претстават земјата во најдобро светло и да покажат дека спортот е за сите.

 

ПретходноИнформацијата од ФИБА вели, кошаркарите против Хрватска или Бугарија во атак на следното СП
СледноРаботнички и Тиквеш во понеделник на ФФМ