Миленкоски повторно е селектор на одбојкарите, Пауновиќ и натаму кормилар на дамите

109

Најтрофејниот македонски одбојкарски стратег Јошко Миленкоски се враќа на клупата на машкиот сениорски национален тим на Македонија. Актуелниот тренер на грчки ПАОК по третпат во својата кариера ќе ја предводи машката репрезентација, со која на последното Европско првенство во 2023 година, стигна до историското осминафинале на континенталниот собир.

Миленкоски ги превзема сениорите на средина на квалификацискиот циклус за Европското првенство 2026 во кои Македонија се бори за четврто евро-учество во низа. Асистент на селекторот ќе биде актуелниот тренер на освојувачот на Купот на ОФМ 2024, Штип УГД, Кристијан Ристески.

Управниот одбор на ОФМ потврди дека стручниот штаб на женската сениорска репрезентација на Македонија ќе го сочинуваат српскиот тренер Стефан Пауновиќ, кој ќе продолжи да ја води селекцијата, заедно со стратегот на македонскиот женски првак Душко Деспотовски.

Челниците на Федерацијата исто така ги дефинираа и стручните штабови во младинските национални тимови кои ќе имаат акции престојното лето.

Женската селекција до 19 години ќе ја предводат селекторот Александар Митев и Бранка Каленикова. Машката репрезентација до 19 години ќе ја предводи Дејан Стојанов, додека Васе Михаилов и Бесим Реџа ќе бидат негови помошници. Двете репрезентации ќе ја претставуваат Македонија на Балканските шампионати летово.

На Европските Младински Олимписки Игри (ЕМОФ 2025) ќе се натпреваруваат машката и женската селекција до 18 години. Момчињата ќе ги предводат Атанас Милев, Васе Михаилов и Бесим Реџа, додека кај девојките во стручниот штаб се Никола Јаневиќ и Александар Темелковски.

Горан Славков и Виктор Зафиров се тренерите кои ќе ја предводат женската селекција до 16 години на Балканскиот шампионат летово.

Одредено е дека тренер/селектор на репрезентацијата во одбојка на песок мажи/жени се Горан Славков и Димитар Јатовски.

ПретходноФК Силекс контра “Комити”: Не сме договарале ништо со вас
СледноБрињоне со деветта победа сезонава