ПМФЛ: Одличен Вардар, одлична Шкендија…супер-дербито на ФФМ без победник!

977

Попладнево на ФФМ се одигра првиот меч од 24.коло во ПМФЛ. Во супер дербито, Вардар и Шкендија одиграа без победник 1:1. Стрелци на головите беа Спахиу за домашните во 25.минута за 1:1 и Р. Рамадани во 21.минута за Шкендија за 0:1.

Одлично дерби, голема битка, така е кога меѓусебе ќе играат две квалитетни екипи. Реално и Вардар и Шкендија имаа шанса за победа, ама овие 1:1 се чини дека се најреален исход на оваа средба.

Инаку Вардар подобро го отвори мечот. Четата на стратегот инсистираше на напад, а првата закана ја упати Тодоровски со шут од околу 25 метри, но голманот на тетовци убаво одбрани.

Се редеа акции пред казнетиот простор на Шкендија, а во 15.минута малку недостигаше Вардар да поведе кога центаршутот на Спахиу, Матиќ и Пинтер за малку не ја допреа таа топка.

И во 21.минута прекрасен гол на Решат Рамадани од 20 метри за водство на тетовци, Талески беше немоќен.

Сепак Вардар израмни четири минути подоцна. Прво Јанкулов шутираше, Амзаи ја одби таа топка која дојде до Спахиу, а овој успеа да го пронајде патот до мрежата на Шкендија за 1:1. Нешто слично се случи и во 38.минута, сега тетовци имаа среќа. Па така на пауза се замина со тие 1:1.

ГОЛЕМА БИТКА ВО ВТОРОТО ПОЛУВРЕМЕ

На почетокот од второто полувреме Шкендија почна да игра поофанзивно, со влегувањето на брзоногиот Шаља, тетовци беа поопасни. Токму тој во 53.минута беше во шанса, ама Пинтер спасуваше. Две минути подоцна и Трумчи се закани, но Талески одлично одбрани. До овој момент и двете екипи имаа по 3 удари кон рамката на голот. Нема што, во тие први 15-20 минути од второто полувреме гостите беа поопасни.

Вардарци вратија со закана во 68.минута преку Михаил Талевски, но сепак не успеа да го донесе својот тим во водство. По неколку минути затишје, во овие моменти повторно се распламти битката на ФФМ. И двете екипи тргнаа по победата. Во два наврати Мато се најде во добра позиција, ама за жал на вардарци тој не успеваше да го најде вистинското решение. Како да беше премногу себичен.

На крајот резултатот гласеше 1:1 на ова големо дерби во мак-фудбалот.

Останатите средби од ова 24.коло во нашата елитна лига се закажани за утре од 15 часот.

ПретходноДончиќ пред дуелот со Денвер: Секогаш е тешко да се игра против Јокиќ!
СледноБРАВО: Дерби за уживање, Вардар и Шкендија одиграа за сите вкусови! (ФОТОГАЛЕРИЈА)