Утре од 20 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, ќе се одигра хуманитарниот меч меѓу Вардар и Ц.Звезда. Македонскиот и српскиот гигант ќе играат за Кочани, а како што предмалку објавија од редовите на „црвено – белите“, на Арената ќе присуствуваат и повеќе легенди на овој клуб.
“Фудбалскиот клуб Црвена звезда во среда на 16 април од 20 часот ќе одигра хуманитарен натпревар со Вардар во Скопје во чест на трагично загинатите во пожарот во Кочани, а на споменатата средба ќе присуствуваат и ветераните на Црвена звезда.
Дел од хуманитарниот натпревар во Скопје ќе бидат и легендарните фудбалери на нашиот клуб, како Станислав Караси, Владимир Петровиќ Пижон, Илија Најдоски, Дарко Панчев, Бошко Ѓуровски, Недељко Милосављевиќ, Здравко Боровница, Цвијетин Благојевиќ, Жарко Ѓуровиќ, Драган Канатларовски, Драган Мрѓа, Душко Тошиќ, Горан Попов…
Ветераните на Црвена звезда ќе излезат на терен на полувремето од мечот меѓу Вардар и нашиот клуб и ќе направат почесен круг, а претходно ќе се дружат со навивачите на Црвена звезда во фан зоната од 17 до 19 часот.
Потсетуваме дека целиот приход од играта ќе биде насочен кон семејствата на загинатите во страшната несреќа“ се вели во соопштението на Ц.Звезда.