Македонскиот фудбал е завиен во црно. На 54-годишна возраст ненадејно почина една од најголемите легенди на Победа од Прилеп, Николче Здравески.
Тој речиси цела кариера ја мина во прилепскиот тим, како фудбалер, и како тренер. Кратко време беше тренер и на тимот на 11 Октомври. Во 2007 година го доби признанието од ФФМ за најдобар тренер. Како фудбалер беше член и на ФК Вардар.
Здравески со победа освои две титули, првата како играч, а потоа до втората дојде како тренер. Ја предводеше екипата на Победа на легендарните натпревари против Парма во 2000 година, еден од најдобрите тимови кои дошле во Македонија со многу фудбалски ѕвезди.
Со Победа го освои Купот на Македонија во 2002 година, а во 2004 година беше прогласен најдобар играч и за најдобар спортист на Прилеп. Таа сезона Победа стигна до историската прва шампионска титула во Прва фудбалска лига.