Поранешниот селектор на кинеската фудбалска репрезентација Ли Те ја изгуби жалбата поднесена поради затворската казна од 20 години изречена во 2024 година за вмешаност во корупциска шема, објави државната новинска агенција Ксинхуа. Поранешниот играч од средниот ред на Евертон и Шефилд Јунајтед беше осуден за примање мито.
Ли Те беше селектор на репрезентацијата од 2019 до 2021 година. Судот го прогласи за виновен по обвинението дека од 2015 година, кога работел за „Хебеј Форчун“, до 2021 година, примил и дал мито во вкупен износ од 120 милиони јуани (околу 16,51 милиони американски долари).
Судот информираше дека преку мито, Ли Те ги избрал некои од играчите за репрезентацијата и на тој начин им помогнал на разни клубови на трансфер пазарот.
Фудбалската кариера на Ли Те започна во 1998 година во Лиаонинг, а заврши во клубот од неговиот роден град во 2011 година. Пред да работи во Хебеј Форчун и кинеската репрезентација, тој беше помошник тренер во Гуангжу Евергранде три години. Во тоа време, осумкратните шампиони ги предводеше Италијанецот Марчело Липи.