МЗТ Скопје поведе со 1:0 во полуфиналната серија од плеј – офот во нашата елитна кошаркарска лига против составот на МКК Куманово. Вечерва во “Јанде Сандански“ шампионот убедливо славеше против кумановци со 81:64.
Да потсетиме дека се игра во три добиени мечеви.
Треба да се пофали убавата атмосфера во салата со навивањето на двете навивачки групи „Фемили“ и “Кумани“, тоа му даде посебен шмек на овој меч.
Уште на почетокот се виде дека МЗТ Скопје не се шегува. Веднаш домашните ставија до знаење дека ги интересира само победа и ништо друго. Беше 7-0, па 12-2, па 22-7 во првата четвртина која заврши со резултат 26-12. Браќата Стојановски го диктираат ритамот откако беа непогрешливи во удари за три поени.
Нешто слично беше и во втриоот период. МЗТ Скопје никако немаше намера да го спушти ритамот, додека МКК Куманово колку и да се трудеше сепак не успеаваше ниту да се приближи резултатски, напротив. Бадијала борбеноста кај гостите ако се знае дека првото полувреме заврши со неверојатен резултат 52:27 за МЗТ Скопје.
И во третата четвртина, МЗТ Скопје ги диктираше настаните на теренот, а оваа четвртина заврши реми, 20-20.
Во последниот период домашните како да се опуштија што беше и за очекување, немаше потреба од нешто друго ако се знае дека разликата беше превисока.
Кога сме кај поентерите Дамјан Стојановски кај домашните постигна 18 поени, Крстевски запиша 14, додека кај гостите Петровиќ заврши со 15 поени.