Калин со стартна победа во квалификациите на челинџерот во Загреб

47

Македонскиот тенисер Калин Ивановски со победа ги почна квалификациите на Челинџер 75 турнирот во Загреб што се игра за награден фонд од 91.250 евра. Тој во денешниот прв меч од квалификациите на централниот терен го победи Турчин Ерги Киркин осми носител во квалификациите со 2-1 во сетови (63 57 61) за два часа и 40 минути игра. Воедно ова за Ивановски е втора победа во двата меѓусебни меча со Киркин.

Двајцата тенисери на почетокот од мечот имаа проблем со реализација на својот сервис, па така во првите пет гема имаше и пет брејка, а Ивановски водеше со 3:2 во гемови. Во 9.тиот гем македонскиот тенисер направи уште еден брејк за 6:3 во гемови и водство за 1-0 во сетови. Добрата игра нашиот тенисер ја продолжи и во вториот сет поведе со 3:1 во гемови откако имаше брејк во четвртиот гем од сетот, за потоа да има предност од 4:1 и 5:2 во гемови. Но, потоа во деветиот гем на свој сервис не успеа да го освои гемот за 6:4. Веднаш потоа на сервис на противникот ја имаше и првата меч топка, но не ја реализираше и Киркин успеа да ја продолжи низата од освоени гемови (вкупно пет) и сетот го доби со 7:5 во гемови. Во решавачкиот сет неизвесно беше на почетокот односно до 1:1 во гемови. Ивановски потоа направи два брејка за 3:1 и 5:1 во гемови и сетот го заврши на убедлив начин со 6:1 и триумф од 2-1 во сетови.

Во текот на мечот скорот на поени беше 106:87, а Калин постојано беше тој што ја диктираше играта во мечот.

За пласман на главниот турнир Ивановски утре во финалето од квалификациите ќе игра со победникот од мечот Даниел Михалски (Полска) и Мирза Башиќ (Босна и Херцеговина).

ПретходноЕХФ излезе со математики: Македонија ќе го оди потешкиот пат за пласман ЕП 2026
СледноПелистер е шампион во кадетска конкуренција