Патот по кој Алкалоид чекореше до европско финале

180

СпортСпорт во Атина, Марија Ковачева

Велат вербата е најважна кога истата е дадена на правилен начин, а кога на сето ова ќе се додаде јасна зацртана визија и мисија, тогаш се добива вистински производ. Она што Алкалоид почна да го гради од самиот старт за многумина изгледаше како невозможна мисија. Голем дел од македонската јавноста која не веруваше дека може со македонски производ да се достигнат височините денеска го поздравува големиот подвиг на Кирил Лазаров, неговите момци и сите кои стојат зад овој проект, кој е создаден за подобро утре на репрезентативниот ракомет.

Алкалоид за кратко време направи вистински бум, не само на македонска сцена, туку и во европски рамки. Тивко, чекор по чекор, без многу помпа, работеше и беше максимално посветен во својот двор. Цврсто газеше на земја, со голема верба во својот систем успеа да стигне до своето прво европско финале, на двомеч за пехар во ЕХФ Европскиот Куп против АЕК. Првиот се игра денеска (18 часот) во Атина.

Патот не беше лесен бидејќи сите играчи кои му беа на располагање на Лазаров мораа да созреат „преку ноќ“. Алкалоид, за жал во финалето нема да игра во оној ист состав со кој ја почна својата нова европска приказна. Никола Костески веќе одамна е надвор од терените, се повреди лидерот Марко Митев, а тимот остана без капитенот Игор Ѓоргиев, три клучни алки. Лазаров секогаш имаше џокер во ракавот, мудро менаџираше со сите распложливи сили, својот победнички менталитет го пренесе на вистински начин, создаде храбри борци.

Денеска Алкалоид ќе испише нова страница во својата историја – прво европско финале. На патот до битката за пехарот стоеја Драгунас Клаипеда,  Вест Виена, Бриксен, Баја Маре и Рунар. Тимот од Алкалоид до денешната пресметка со АЕК има запишано осум победи, реми и само еден пораз, кој беше безболен бидејќи се пласираше во финалето.

Сите во тимот веруваат дека можат да се носат со големиот противник, посакуваат да дојдат до добар резултат пред реваншот во Скопје, а таму да направат нов голем подвиг не само за себе, туку и за македонскиот ракомет.

ПретходноФудбалерите на Тиквеш заедно со “Лозари“ за крај на турболентната сезона!
СледноКалин против Пољичак од Хрватска на стартот на Челинџерот во Скопје