Машката сениорска репрезентација викендов одигра два пријателски натпревари со Хрватска во Марибор, кои беа дел од подготовките за настапот во Европската Златна лига 2025.
Селекторот Јошко Миленкоски по двомечот потенцираше дека има појасна слика за тоа до каде е екипата во темпирањето на формата.
„Со една седмица тренинзи реално не бевме подготвени за играње на пријателски натпревари, но двомечот со Хрватска од претходно беше договорен, па одлучивме да го искористиме најдобро што можеме како дел од тренажниот процес. Имаме појасна слика за тоа до каде сме, односно во која насока треба да продолжиме со темпирањето на формата. Хрватите од 5 мај ги стартуваа подготовките, додека ние почнавме десет дена подоцна и очекувано беше да играме тешко на првиот натпревар. Уште не сме воиграни, имаа тешки нози момците од напорните тренинги и не можевме да одиграме како што сакаме, а како за прв натпревар нормално беше да има и многу грешки. Но, веќе вториот дуел беше многу подобро. Дадов шанса на сите играчи, пробувавме на терен која постава ќе го понесе товарот, а кој играч, кога и како може да помогне. Двата натпревари ни овозможија да ги воочиме и грешките и проблемите, но и за да видиме на кои елементи треба да посветиме повеќе внимание. Верувам дека како ќе минува времето и низ Европската лига ќе бидеме се подобри и подобри – можеби не за првиот турнир во Братислава, но за последниот во Струмица сум сигурен“, анализира селекторот Миленкоски и додава: „По пауза од година дена се враќам во репрезентацијата и она што ме радува е дека и покрај промените, нови лица во тимот, сега селекцијата е и подмладена, и натаму има одлична атмосфера. Ова е екипа која игра заедно со години, одлично ги знае своите квалитети и можности и поради тоа верувам дека тимот многу брзо ќе стигне до потребното ниво“ – вели селекторот.