Женската А репрезентација одбројува – четири дена до вториот настап во ЦЕВ Европската Сребрена лига, и тоа како домаќин на првиот турнир од 30 мај до 1 јуни, кога во салата „Парк“ во Струмица ќе ги пречека селекциите на Луксембург и Швајцарија.
Тимот е спој на младост и искуство, а фактот дека им се дава нова шанса во европско натпреварување има и тоа какво големо значење за девојките.
„Од кога дојдовме во Струмица сите сме пресреќни и со нетрпение го чекаме стартот. Ни се дава нова шанса во Сребрената лига. Сите сме превозбудени, се чувствуваме поподготвени, посериозни, поискусни и на нас е да дадеме сè од себе. Треба да се обидеме да направиме нешто, да отвориме пат за помладите и се надеваме дека присуството на нас, неколкумина поискусни ќе биде доволно за од некаде да тргне работата“ – вели Теа Терзиевска, интернационалката, која е една од поискусните во екипата.
Прв противник на Македонија и е Луксембург кого го пречекува в петок (30 мај) од 20 часот. Потоа нашата репрезентација има слободен ден, додека Швајцарија и Луксембург играат од 20 часот. Во последното коло, на 1 јуни, во 20 часот, Македонија, пак, ќе се соочи со Швајцарија.