Македонскиот репрезентативец, Томислав Јагуриновски отвара нова страница во својата кариера, го прифати првиот меѓународен предизвик. Најкорисниот играч на Купот на Македонија од Вардар 1961 се сели во Германија, поточно во редовите на Десау-Рослауер, тим кој се натпреварува во втората Бундес-лига.
Томи е претставен како вистинска трансфер сензација, и од него се очекува да биде големо засилување. „За мене ова е уште еден важен чекор во кариерата. Излегување од комфор зоната, истражување на нова земја, учење нов јазик и играње во една од четирите најсилни лиги во светот, што пак претставува огромен предизвик на кој многу се радувам. ДРХВ е клуб со богата традиција, амбициозен и стабилен учесник во Втората Бундеслига. Се радувам на градот, на луѓето, и пред сѐ – на навивачите“, изјави Јагуриновски за официјалната страница на клубот.
Од клубот велат дека покрај игрите во дресот на Вардар 1961, македонскиот ракометар го привлекол нивното внимание со настапот против Германија на ЕП 2024 кога постигна четири гола. Спортскиот директор, Вања Радиќ, со големо воодушевување изјави:
„Со доведувањето на Томислав успеавме повторно да донесеме искусен интернационален играч во Десау-Рослау. Тој е тимски играч со силен карактер и поседува потребно искуство за да ни помогне и во одбраната и во нападот. Неговите одлучни дуели еден на еден и неговите одбранбени способности ќе бидат големо засилување на нашата десна бековска позиција.“