Алкалоид со победа ја заврши сезоната во пелј-офот, откако против Бутел Скопје славеше со убедливи 22-31 (11-14). Кирил Лазаров и неговите избраници во овој дел од шампионатот запишаа шест победи, едно реми и три порази, и завршија на третото место на табелата. На другата страна Бутел Скопје остана на петтото место со една победа и девет порази.
Џонов, Савревски, Петковски и Серафимов со по пет гола беа лидери кај победникот, на другата страна ист број на погодоци имаше Димитар Узунчев.
Момците на Горан Кузманоски беа рамноправен противник само во првото полувреме. Откако Алкалоид отвори со 2-5, Бутел Скопје успеа да израмни на 8-8 и 9-9. На одморот гостите имаа предност од 11-14, која во второто полувреме само растеше, најголемата беше девет гола.
Со овој триумф Алкалоид става крај на сезоната која ќе ја памети бидејќи стана првиот македонски тим кој го освоил пехарот во ЕХФ Европскиот Куп.