Селекторот Миленкоски го смени планот, мажите порано почнуваат со подготовки за евро-квалификациите

61

Селекторот на машката сениорска репрезентација Јошко Миленкоски одлучи да направи мала промена во подготвителниот период на екипата во пресрет на евро-квалификациите. Првиот собир на селекцијата ќе биде на 17 јули (четврток) во Маврово, а не како што првично беше најавено 20 јули.

По завршувањето на обврските во Златната Европска репрезентативците имаат малку повеќе од три недели одмор пред повторно да се соберат во Маврово, во пресрет на квалификациските дуели со Грција и Грузија, преку кои целиме на пласман на Европското првенство 2026, што за сениорите ќе биде четврто во низа во историјата.

Промената на стартот е единствен новитет, додека останатиот дел од подготовките е според основниот план. Репрезентацијата десет дена ќе темпира форма во Маврово, а потоа ќе патува за Бугарија, каде во Софија ќе одигра контролен двомеч со Бугарија, на 29 и 30 јули. По враќањето екипата ќе се стационира во Скопје, каде ќе ја одработи финалната фаза од подготовките.

Генерална проба за сениорите пред евро-квалификациите ќе биде 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“ на кој покрај Македонија своето учество го потврдија и репрезентациите на Бугарија и Швајцарија. Турнирот ќе се одржи во периодот од 5 до 7 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

На 13 август Македонија и гостува на Грција во Атина, додека четири дена подоцна на 17 август во „Борис Трајковски“ во Скопје ја пречекува Грузија, во последното коло од циклусот за ЕвроВолеј 2026.

ПретходноСкопско лето за Стефан, Аце, Кољо, Даре…. ФФМ ги отвори портите за своите репрезентативци
СледноСтруга ТЛ се пофали со Гледи Мици