По убедливите порази на Работнички и Силекс, конечно Вардар ја израдува цела македонска фудбалска јавност вечерва со убедливата победа над Ла Фиорита од 3:0. Ова е 19 официјален меч во низа за Вардар без пораз, серијата трае ли трае, така и треба.
БРАВО ВАРДАРЕ. Едноставно тимот на Гоце Седлоски знаеше што сака на овој меч, поточно знаеше како да дојде до тоа што го сака. И кога по некое чудо немаше гол, сите три паднаа во второто полувреме, немаше нервоза. Свесни за своите квалитети, за својата надмоќ, вардарци знаеја дека кога тогаш тимот од Сан Марино ќе потпише капитулација. И потпиша во второто полувреме.
Прво Омерагиќ со маестрален гол донесе радост, па за 2:0 гостите сами си дадоа, за да точка на тие 3:0 стави Мато.
Ете, вака се игра во Европа.
Погледнете ја само статистиката и се ќе ви биде јасно. Вардар упати дури 20 шута кон противничкиот гол, од кои девет во рамките на голот. Изведе 12 корнери, наспроти тие три на Ла Фиорита. Поседот на топката е 60-40 за Вардар. Бројки кои само докажуваат кој беше кој на овој меч.
Јасно дека треба да се одигра и ревашот во Сан Марино следниот четврток, но Вардар е многу, многу блиску до следната фаза и двомеч со Лозана.