По освоената шампионска титула на домашната сцена, екипата на Јанта Волеј КВ пред себе има нов предизвик. На стартот на новата сезона, шампионките ќе го имаат своето прво претставување и на европската сцена и тоа во најсилното клупско натпреварување, Лигата на шампионите на ЦЕВ.
Денеска Јанта Волеј КВ го доби и својот ривал за втората елиминациска рунда и тоа во името на трикраткиотшампион на Босна и Херцеговина, екипата на ЖОК Гацко. Тренерот на нашиот првак, Никола Јаневиќ, вели дека противникот е по мерка.
„Ова е нашето прво историско учество на европска сцена и можам да кажам дека имавме каква-таква среќа во ждрепката. Босанскиот шампион е некако по мерка, но нормално ние треба прво да си го задржиме нашиот играчки капацитет кој не донесе до овој прв историски натпревар, а секако и да се засилиме со адекватни играчи за да бидеме конкурентни во европските натпреварувања. Се надеваме на поддршката од нашите поддржувачи и нашите симпатизери со која ќе се екипираме и работиме за натамошен развој на одбојката во Кисела Вода, Скопје и Македонија“, вели Јаневиќ.
Со трикратниот шампион во низа на БиХ, тимот на Јанта Волеј ќе игра во термините – 21/23 октомври пред домашната публика, односно на гости во Гацка 28/30 октомври.