Македонската кошаркарска репрезентација денеска се сели во Гевгелија каде ќе ги одработи поголем дел од подготовките за претквалификациските средби за СП 2027 против Романија и Унгарија.
Предводникот на нашиот национален тим, Марјан Илиевски во составот има голем дел на неискусни имиња за вакви мечеви, но истовремено сите тие се максимално мотивирани за да испишат една нова страница и заедно да го почнат процесот на подмладување, кој одамна требаше да се случи.
„Секогаш имам високи очекувањата за нашата репрезентација, и кога сум овде и кога не бев повикуван, бидејќи секогаш моја желба е што подобро да ја претставуваме државата на европската сцена. Точно е дека сме подмладени како репрезентација, со голем број играчи кои досега немаат настапувано за сениорскиот тим, ќе видиме кои 12 ќе бидат избрани за да ја претстават Македонија во овие претквалификации. Верувам во нас и во стручниот штаб, имаме селектор кој знае како да го извлече максимумот, да ги стави сите играчи на позициите на кои ќе го покажат најдоброто од себе, но и да создаде позитивна атмосфера во екипите во кои работи, сега и во репрезентацијата“, вели Лука Стојановски.
Оптимизмот е голем во нашиот тим, според кошаркарот на Пелистер потребно е само верба во она што сите го поседуваат, така ќе можат да дојдат до посакуваните резултати.
„Сите сме подредени на репрезентацијата, сакаме да го дадеме најдоброто за националниот тим, ќе видиме до каде ќе стигнеме. Познавам дел од играчите на противниците од настапите по младинските првенства во минатото, но треба да се фокусираме на нас самите и на нашите изданија во овие претквалификации. Јас сум убеден дека имаме шанси да освоиме едно од првите две места во групата, секогаш ќе размислувам позитивно и со верба дека можеме да стигнеме до посакуваниот резултат“, оптимист е Лука Стојановски.
Македонија во Гевгелија ќе одигра и два пријателски натпревари против Швајцарија.