Машката сениорска репрезентација денеска на пладне во Маврово ги стартуваше подготовките за последните два натпревари од квалификациите за Европското првенство 2026. Селекторот Јошко Миленкоски повика 16 репрезентативци за оваа акција, каде Македонија „брка“ учество на четвртиот континентален собир во низа.
Реванш дуелите со Грција и Грузија во средината на следниот месец ќе дадат одговор на прашањето дали нашите одбојкари одново ќе ги гледаме на ЕуроВолеј, кое од 9 до 27 септември 2026 ќе се одржи во Италија, Финска, Бугарија и Романија.
Потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски и генералниот секретар Филип Деспотовски ја поздравија репрезентацијата на првиот собир и и посакаа успешни подготовки со надеж дека екипата ќе ја оствари целта – пласман на ЕП.

Маврово е локацијата на која екипата ќе ја темпира формата во следните десет дена, а потоа патува за Бугарија, каде во Софија ќе одигра контролен двомеч со Бугарија, на 29 и 30 јули. По враќањето екипата ќе се стационира во Скопје, каде ќе ја одработи финалната фаза од подготовките.

Генерална проба за сениорите пред евро-квалификациите ќе биде 49-то издание на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“, кој од 5 до 7 август ќе се одржи во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Македонија ќе ги пречека Бугарија и Швајцарија.
Одбојкарите на 13 август и гостуваат на Грција во Атина во претпоследниот меч од квалификациите, додека четири дена подоцна на 17 август во Скопје ќе се соочи со Грузија, во последното коло од циклусот за ЕвроВолеј 2026.