Женската македонска сениорска репрезентација попладнево во Маврово ги започна подготовките за квалификациските дуели со Австрија и Грција за пласман на Европското првенство 2026.
Сите 18 репрезентативки кои се најдоа на потесниот список на селекторот Стефан Пауновиќ се појавија на првата прозивка во хотелот „Спорт“ и веднаш се ставија на располагање.
По успешниот настап во Европската Сребрена лига, одбојкарките одлично расположени влегуваат во новата акција. Атмосферата е на високо ниво, како и мотивираноста на дамите да покажат дека резултатите од минатиот месец не се случајни.
„Среќни сме што сме во полн состав, комплетни и подготвени максимално да се посветиме на овој подготвителен период. Јасно ни е дека резултатски немаме што многу да бараме во овие два натпревари, но она што е важно за репрезентацијата е да го задржи континуитетот добри резултати кои ги стартувавме со настапот во Европската лига, да се искачиме скалило повисоко, да го кренеме нивото на нашата игра и тоа е она на што ќе посветиме најмногу внимание и ќе се покажеме во добро светло и на престојните два дуели“ – потенцира Емилија Попјордановска, капитенот на Македонија.
Потпретседателот на ОФМ, Ивица Хаџииљоски, заедно со членот на УО на ОФМ, Кирил Калеников ги поздравија дамите и комплетниот стручен штаб и им посакаа убава и успешна работа.
Првата недела од подготовките сениорките ќе ја минат во Маврово, а потоа се селат во Скопје каде ќе ја темпираат формата уште една недела пред првиот квалификациски меч со Грција, на 3 август од 20 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Циклусот за дамите финишира на 9 август кога и гостуваат на Австрија во Виена.