Денеска од 17 часот на Градскиот стадион во Тетово, во меч од 3.коло домашниот состав на Шкендија го дочекува дебитантот, тимот на Арсими. Ова ќе биде единствениот меч од 3.коло денеска, утре се играат уште два со што ќе се затвори третата рунда во новата сезона во ПМФЛ.
Секако дека Шкендија, како голем фаворит, како актуелен шампион посакува само победа, три бода и ништо друго. Тимот на стратегот Јетон Беќири сака во Разград, на реваншот од плеј – офот во ЛЕ кај Лудогорец, да отпатува во супер расположение. Со предност од 2:1, но и со трета победа во домашниот шампионат во третиот натпревар сезонава.
Повеќе од јасно е дека Беќири, како што беше со Шкупи и со Македонија ЃП, и денеска ќе комбинира со составот. Се разбира дека главните сили ќе му бидат на клупа и ако има потреба ќе влезат во игра. Јасно е дека денешниот меч и тоа како е важен, да се дојде до “три од три“ како Силекс и Струга ТЛ, но исто е јасно дека реваншот во Разград на 28 август е историски.
Арсими освои бод во Куманово на стартот, на втората средба со Струга ТЛ водеше, но на крајот беше поразен. Ова кажува дека на Шкендија нема да и биде лесно попладнево под Шара.