Коментар на 3.коло: Како Вардар, така и Шкендија, а Башкими си “гази“

294

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Таков е фудбалот – непредвидлив. Токму затоа е интересен и привлечен. Кој ли можеше да претпостави дека Вардар и Шкендија токму во ова 3.коло ќе кикснат и тоа пред своите фанови, а лесно можеа и да загубат. Прво Вардар одигра 2:2 со Брера, за да потоа Шкендија ремизираше под Шара со 0:0 со Арсими. Се чини дека сега десет пати да играат и Вардар и Шкендија ќе победат, ама не победија кога требаше.

Па така сега најголемите фаворити се во -2 бода во однос на водечките Силекс и Струга ТЛ на табелата, а Башкими исто има седум бода како Вардар и Шкендија. Интересно, сите овие три екипи имаат само по едно реми и тоа сите на домашен терен.

Се разбира дека до крајот на оваа сезона ќе има уште вакви сензационални резултати, нели рековме затоа е интересен овој спорт, дека ќе има падови и подеми на екипите, но се чини никој ама баш никој не ни претпоставуваше дека тие сензации ќе се случат на Арената во Скопје и под Шара.

Силекс има 9 бода, ама Силекс имаше и лесен распоред. Дома со Брера, службена победа со Шкупи и во ова коло дома со Македонија ЃП. Допрва треба да видиме како тимот на Васоски ќе се однесува кога ќе игра со Вардар, Шкендија, Струга ТЛ, па и Башкими и Пелистер.

Секако дека најголемо разочарување, пред се на резултатски план, е Тиквеш. Го посочувавме како тим кој е кадарен да се бори и за Европа, а кавадарчани на три средби, сепак реално сите беа дерби, освоија само еден бод и тоа со Работнички иако и на тој меч можеа да бидат поразени. Сетете се само на шасата на Бошњаков во финишот на мечот.

Но, одиграни се само три кола, остануваат уште 30 и јасно е дека ќе има многу пресврти, остварени и неостварени прогнози, може многу од работите да се променат.

Нам ни останува само и натаму да гледаме добар фудбал, да има добра посета и секако да има голови.

ПретходноМалинков и во новата сезона на клупата на Гостивар
СледноКадилак ги откри пилотите: Перез и Ботас се враќаат во Формула 1