Струга ТЛ продолжи со максималниот ефект од првите пет кола во ПМФЛ, забележувајќи ја петтата победа откако денеска на свој терен го победи и тимот на Тиквеш со 3:0. Од друга страна, пак, тимот од Кавадарци и натаму чека на првиот триумф во сезоната, со само два бода и две „ремија“. Победата на Струга ТЛ можеше да биде и поубедлива, но во финишот Компаоре пропушти добра шанса. Првата посериозна шанса Струга ТЛ ја имаше во 24. минута.
Голманот Анџелети со долга топка го проигра Шабани, кој излезе сам пред Стевковски, меѓутоа чуварот на мрежата на гостите успеа да спаси. Водечкиот гол на домаќинот се случи во 39. минута од пенал. Компаоре беше прецизен од белата точка, откако стрелаше во долниот лев агол. Најстрогата казна ја изнуди Радески, кој беше во воздушен дуел со Мојсов.
Судиите дури по ВАР проверката досудија удар од белата точка за Струга ТЛ. Тоа беше резултат по првиот дел. Во второто полувреме првата шанса ја имаше Тиквеш во 57. минута откако Дарко Илиески со глава од 5-6 метри ја упати топката над голот. Казната стигна веќе следната минута. Фал од левата страна центрира прецизно до Компаоре кој со глава вторпат го совлада Стевковски. Во 63. минута Воша се најде во солидна ситуација, неговиот удар заврши само над пречката.
На другата страна Миловановиќ се најде во одлична позиција, сам пред голот, меѓутоа неговиот удар го одбрани Анџелети. Точка на победата стави Радески во 79. минута. Акција по средината на теренот, Шабани додаде до Зенку на левата страна, кој го проигра осамениот Радески, а овој шутираше прецизно во голот на Тиквеш. Компаоре можеше да постигне „хет-трик“ во 85. минута откако се најде осамен на 4-5 метри по додавањето од десната страна, а за негова несреќа шутираше само крај голот.