Егоров ќе се бори во репасаж за бронзен медал на СП во Загреб

71

Владимир Егоров ќе се бори во репасаж за пласман во битката за бронзен медал на Светското првенство во борење (слободен стил) во Загреб, Хрватска. Нашиот борач во категоријата до 57 килограми денеска имаше одличен старт на првенството со две победи, пред да биде поразен од еден од борачот кој ќе се бори за златниот медал во оваа категорија.

Егоров стартуваше со службена победа над Аман од Индија, по што во осминафиналето успеа да прокнижи и втор триумф, овој пат победувајќи го Иранецот Аолбехадилаборс со убедливи 10:0. Добрата серија беше прекината во четвртфиналето, каде Егоров налета на Киргистанецот Бекзат Улу, кој славеше со 16:5 и се проби во полуфиналето.

Киргистанецот потоа победи и во полуфиналето и се пласираше во мечот за злато, што автоматски го повлече Егоров во репасажите кои носат место во натпреварите за бронза. Егоров утре ќе се бори во репасажот, но се уште чека да го дознае името на противникот.

Останатите македонски борачи кои денеска се појавија на првенството беа поразени уште на стартот. Шапиев до 74 килограми загуби од Кар од САД, Митров во категоријата до 79 килограми беше поразен од Кореецот Сео, додека Хајдари во првата рунда беше поразен од Хидлеј од САД.

Утре Нуров стартува во категоријата до 97 килограми со борба против Рандава од Канада.

ПретходноВардар без проблем против вториот тим на Пелистер
СледноГол бр. 188: Салах дојде до 4. место на вечната листа на најдобри стрелци во Премиер лигата