Работнички во шестото коло успеа да стигне до првата победа оваа сезона, совладувајќи го Пелистер на домашен терен со 3:0. Тимот на Алпарслан Ердем конечно покажа игра на нивото на минатата сезона, кога Работнички излезе во Европа.
Пелистер се закани во петтата минута, но Василев успеа да одбрани, а десет минути подоцна Флоријан Кадриу го погоди дирекот шутирајќи откосо од десната страна. Во 31.минута, Работнички дојде во водство од 1:0. Демир Имери одлично го проигра Флоријан Кадриу, кој излезе сам пред Јовчевски и рутински го совлада. Пред крајот на првото полувреме домаќинот ја удвои предноста.
Одлична тимска акција на Работнички која на фантастичен начин ја заврши Димитар Трајков, со својот прв погодок во дресот на “романтичарите” за 2:0.
Во вториот дел, Работнички имаше потполна контрола на резултатот, а Пелистер се обиде да стори нешто повеќе, но без успех. Во 75.минута, Флоријан Кадриу ги расчисти сите дилеми, со својот втор погодок, за конечни 3:0.