Годинешното издание на Балканскиот клупски куп во женска конкуренција, кој од 25 до 28 септември требаше да се одржи во Гњилане, Косово е одложен од административни причини. Нов термин за одигрување на БВА купот е од 6 до 8 октомври.
Поточно Балканската одбојкарска асоцијација во консултација со Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) како и Европската одбојкарска асоцијација (ЦЕВ) одлучи да го помести натпреварувањето за десет дена со цел одбојкарките кои настапувале со своите национални тимови на Светското првенство да имаат дополнителен простор за одмор.
Тимот на Фит Фан Волеј, кој е македонски претставник заедно со домаќинот на БВА купот, косовска Дрита, како и грчки АЕК, и Херцег Нови од Црна Гора ќе мора своите календари да ги дефинираат според новиот датум за одигрување на турнирот, кој на победникот му носи и директно учество во првото коло од европскиот ЦЕВ Челинџ куп.
Организаторот најави дека нема да има никаква промена во распоредот и во термините на одигрување на натпреварите, кои ќе останат според првично дадениот план.
Одбојкарките на Фит Фан Волеј ќе имаат дополнителни десет дена за темпирање на формата во пресрет на дебито на меѓународната сцена.