Новески: „Алергичен“ сум на протекции, и „АЛО – АЛО“, скаутинг службата на ФФМ ќе работи на германски начин

1362

Огнен Чак Дојчиновски

Долго време Фудбалската Федерација на Македонија, кон едно од главните прашања за македонскиот фудбал се однесуваше аматерски, и по принципот „колку да се рече“….

На тоа секако, како и на многу други девијантни појави во нашиот фудбал му доаѓа крај, со новата раководна структурана Федерацијата. Истата решава да се справи со сите проблематични прашања, и искрено веруваме дека наскоро ќе видиме резултати.

Овој текст е посветен на потенцијалните македонски репрезентативци од дијаспората, и ново создаденото тело во рамките на Фудбалската Федерација на Македонија, која што ќе се бави со нив.

Основана е официјална скаутинг служба, на која што на чело е поставен легендарниот македонски репрезентативец и интернационалец, и некогашен капитен на репрезентацијата на Македонија, Николче Новески. Уште еден во редицата на македонски фудбалски великани кои што се одлучија да му се приклучат на тимот на претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, по Горан Пандев, Ѓорѓи Христов, Агим Ибраими, Илија Најдоски, Артим Шаќири…и многу други.

Новески за нас фудбалски гледано буквално како да е „дијаспорец“. Иако тој е далеку од тоа. Биточланец, кој што заигра за Пелистер, но многу млад замина за Германија, и прерасна во еден од најдобрите дефанзивци во историјата на Бундес лигата. Со 256 мечеви одиграни во оваа конкуренција, со стотина мечеви одиграни во Бундес 2, Новески е во буквална смисла „Сенатор“ според искуството и она што се вели стаж во една од најсилните фудбалски лиги на светот.

„Пред се благодарност за укажаната шанса да бидам дел од Фудбалската Федерација на Македонија, и да водам еден нов проект каков што е скаутинг службата која што ќе се бави со пронаоѓање на потенцијални македонски репрезентативци во дијаспората. Во моментов сме во фаза на формирање, што се вели, на правење на тимот кој што ќе се бави со оваа проблематика. Тука се секако пред се Горан Пандев, Ѓорѓи Христов, Илија Најдоски, Артим Шаќири, кои што покрај тоа што имаат други активни функции во федерацијата ќе бидат секако поврзани со работата на скаутинг службата. Сите ќе бидат ставени и се веќе ставени во функција. Тоа се имиња кои значат многу за македонскиот фудбал, и нормално е да бидат вклучени во вака важен проект“ – вели Николче Новески новиот прв човек на скаутинг службата на ФФМ за Спортспорт, па веднаш додава.

„Веднаш на почетокот да кажам дека имаме полни раце работа. Веќе се доставени списоци на потенцијални наши млади репрезентативци, од секаде од светот и од сите категории. Од најмала возраст, па се до У21 генерацијата. Има доста имиња, мора да го признаам тоа и секако дека тоа е добар знак. Се прави скенирање на се што е доставено, дали тие играчи веќе биле дел од некаков процес, селективен камп или повик, или пак за прв пат се појавуваат кај нас. Второ, се прави сериозна анализа за каков квалитет се работи, поединечен, и од старт некои имиња се одстрануваат“ – вели Новески и веднаш со одговорот „погодува во центар“.

„Да бидам јасен уште на стартот со овој разговор, за да јавноста добие јасна слика што и како ќе следува. Јас сум ама во буквална смисла така напишете, АЛЕРГИЧЕН на протекции, јавувања, „Ало Ало“ функционирање. Тоа кај Николче Новески како директор на скаутинг службата на Фудбалската Федерација на Македонија не постои. Да си дозволам јас да „пројдат“ играчи од трети, четврти лиги, без минутажа, со „сомнително“ портфолио. Тоа нема да го видите. Скаутинг службата на ФФМ ќе рабори на германски начин“ – дава јасно до знаење Новески околу тоа што јавноста треба да очекува од неговата и од работата на тимот кој што ќе биде ангажиран на оваа тема.

„Не може да си дозволиме бламажа. Не смееме тоа веќе да биде сликата за Македонија. Како е можно тоа некој да си го дозволи кога станува збор за македонските млади репрезентации мене не ми е јасно, а не е ниту важно. Било како било, Одсега ќе биде поинаку“  – во „центар“ погодува Новески.

Се прави „скаутинг мрежа“ и низ Европа

„И тука мора да го споделам своето мислење и став. Не значи дека доколку некој поранешен играч или репрезентативец има портфолио од минатото, дека сега автоматски мора да биде вклучен во нашата работа, каде и да во моментов живее тој. Нам ни требаат активни личности, кои што сериозно работат фудбал и по завршувањето на фудбалската кариера, и се одлично информирани околу случувањата во младинскиот фудбал во земјата каде што живеат. Без разлика дали се рабори за европска земја, како Германија, Белгија, Швејцарија, или пак далечните Австралија, САД, или нешто сосема трето. Нам ни требаат авторитети“ – категоричен е некогашниот стопер на репрезентацијата на Македонија, кој што е прецизен во одговорите исто како што беше „прецизен“ и кога расчистуваше опасност пред нашиот гол.

Шанса ќе добие секој што ја заслужува

Дали е на повидок некое ново „бомбастично“ име кое ќе ја засили Македонија е нашето следно прашање.

„Ќе повторам. Ќе работиме професионално, и одговорно. Па така, глупаво ќе биде да се залетуваме со имиња, со бомбастични најави. Ќе го кажам следново. Во контакт сме со доста имиња, со играчи, со родители, со се што може да ни донесе потенцијален репрезентативец. Имаме доста понуда, ќе треба внимателно да работиме. Не значи дека ако едно дете биде повикано, дека тоа засекогаш си го загарантирало местото во националниот дрес. И обратно. Ако некој е изоставен, ненамерно не значи дека е заборавен. Напротив. Кој работи и греши. Максимално ќе се потрудиме да испочитуваме секого. Но, ќе повторам. Она што ни доаѓа од дијаспората мора да е квалитет, со минутажа, со статус на првотимец во клубот, кој што има завидно ниво, кој што е во најсилна конкуренција. Импровизации нема да има. Конечно, на селекторите ќе биде да го имаат последниот збор. Далеку од тоа дека некој ќе се обиде да има влијание врз тоа. Наше е да ги собереме сите информации, да скаутираме, заеднички да носиме решенија. А на селекторите е да одлучат кој ќе добие повик“ – заклучува Николче Новески.

 

 

ПретходноКомо по 73. години ја совлада „Старата дама“
СледноЕлче и Билбао одиграа без голови