Шкендија – Јагиелонија вечерва од 21 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје. Ова е натпревар од 3.коло во Лигата на Конференции, ова е шанса за Шкендија да дојде до нов европски подвиг во лигашката фаза. Јасно е дека полскиот тим е далеку поквалитетен состав од Шелбурн, тим кој беше совладан пред две недели исто на Арената во Скопје, но и на тој меч Шкендија покажа како треба и покажа дека знае и тоа како добро да одигра во Европа, пред се пред своите фанови.
Од како започна европската одисеја на Шкендија оваа тековна 2025/26 сезона, овој меч за Шкендија ќе биде шести како домаќин. Се почна со ТНС во јули, во 1.коло во квалификациите во Лигата на Шампионите. И на тие пет меча Шкендија забележа четири победи (ТНС, ФЦСБ, Лудогорец и Шелбурн) и само еден пораз (Карабах).
Значи на Шкендија и оди на Арената оваа сезона, па зошто да не веруваме дека четата на одличниот стратег Јетон Беќири, кој се запиша во историјата на мак – фудбалот како прв македонски тренер кој извојувал победа со наш клуб во лигашката или групна фаза во едно европско натпреварување, ќе може да дојде до нова победа.
Вчера на пресот Беќири и играчот за врска Арбин Зејнулаи, потврдија дека Шкендија е максимално подготвена за голема битка, дека тимот од Полска е фаворит на хартија, но и дека Шкендија си има свои адути и квалитети.
Инаку за тетовци и бод нема да биде толку лошо, и со реми ќе си го задржи шансите за пласман во нокаут фазата, посебно ако се знае дека во следното коло игра со косовска Дрита на гости.
Па така вечерва Шкендија е пред нов, голем европски предизвик. Мечот почнува во 21 часот на Арената “Тодор Проески“ во Скопје а судија ќе биде Михаљ Капраљи од Унгарија.










