На нешто повеќе од шест часа до стартот на мечот во Кардиф, меѓу Велс и Македонија, го дознаваме и можниот стартен состав на нашата селекција.
Како што велат нашите информации, селекторот Благоја Милевски се одлучил за формација 5-4-1.
На голот ќе биде Димитриевски, во стоперската линија “тројката“ Стојчевски, Зајков и Серафимов. Како десен бек Ашковски, а како лев Ќамили кој треба да ја преземе улогата на Алиоски кој е повреден.
Во средниот ред тука се Барди, Костадинов, Алими и Елмас, а во шпицот Миовски. Се разбира дека Елмас ќе има и офанзивни задачи.
Од она што се забележува, Милевски со овој состав, барем во раната фаза од мечот со Велс, ќе игра повнимателно.
Да не заборавиме, на Македонија и одговара и реми, Велшаните се тие кои ќе треба по секоја цена да нападнат.










